Во текот на седмата недела од 2024 година, од 12 до 18 февруари, во Република Македонија се пријавени 1.384 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грип. Тоа претставува 26,2 отсто помалку во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со седмата недела од минатата сезона, е зголемен за 1,7 пати, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.
– Заболените се пријавени од 30 ЦЈЗ/ПЕ, во Кавадарци – 302, Струмица – 177, Скопје – 151, а во останатите, бројот на пријавени е помал или еднаков на сто. Во девет извештајни единици што пријавија случаи во текот на оваа недела, се регистрира многу ниска, во 11 сезонска, во пет средна, во Дебар, Крушево и Кратово – висока и во Кавадарци и Ресен – многу висока активност на вирусот на грип, пишува во извештајот.
Во однос на возрасната дистрибуција, 781 лице се на возраст од 15 до 64 години, 341 се деца на возраст од пет до 14 години, 143 се лица на возраст над 65 години и 119 се деца на возраст до четири години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од пет до 14 години.
Во сезоната 2023 – 2024, вкупниот број случаи на грип – заболувања слични на грип, изнесува 11.921, што во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 62,8 отсто, а во однос на моделот од последните 13 сезони, има намалување од 10,0 проценти.
Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се девет починати лица асоцирани со грип.
Заклучно со седма недела, во државата вакцинирани се вкупно 61.702 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.