ОН денеска изразија загриженост поради брзото влошување на економската и безбедносната ситуација во Либија, осудувајќи ги „едностраните акции на одредени актери“ кои ги зголемуваат тензиите.
„Во изминатите два месеци, ситуацијата во Либија доста брзо се влоши во однос на политичката, економската и безбедносната стабилност“, рече Стефани Кури, која е привремена шефица на политичката мисија на ОН во Либија.
Според неа, едностраните акции на либиските политички и безбедносни актери ги зголемија тензиите, дополнително ги зајакнаа институционалните и политичките поделби и ги комплицираа напорите за политичко решение преку преговори.
„Во отсуство на нови политички разговори кои водат до обединета влада и избори, гледате каде оди ова: поголема политичка, финансиска и безбедносна нестабилност, вкоренети политички и територијални поделби и поголема национална и регионална нестабилност“, предупреди Кури.
Од смртта на Моамер Гадафи во 2011 година, со Либија управуваат две ривалски влади – Владата на национално единство на Абделхамид Дбеиба во западниот дел на Либија, која е призната од ОН, и другата на исток, која е поддржана од mаршал Калифа Хафтар. /МИА