Обединетите нации направиле проценка на ситуацијата во Газа и дошле до заклучок дека на флота од стотици камиони ќе им бидат потребни 15 години за да ја исчистат Газа од речиси 40 милиони тони урнатини во операција која чини меѓу 500 и 600 милиони долари.
Наодите го нагласуваат огромниот предизвик за обнова на палестинската територија по неколкумесечни сурови израелски офанзиви кои доведоа до масовно уништување на домови и инфраструктура.
Според проценката објавена минатиот месец од Програмата за животна средина на ОН, во Газа биле оштетени 137.297 згради, повеќе од половина од вкупниот број. Од тоа, нешто повеќе од една четвртина се уништени, околу 10 проценти се тешко оштетени, а една третина се умерено оштетени.
Огромните депонии кои покриваат меѓу 250 и 500 хектари би биле потребни за отстранување на урнатините, во зависност од тоа колку може да се рециклира, покажа проценката.
Во мај, Програмата за развој на ОН (УНДП) соопшти дека обновата на домовите во Газа уништени за време на војната може да потрае до 2040 година во најоптимистичкото сценарио, при што вкупната реконструкција на целата територија ќе чини дури 40 милијарди долари. Таа проценка, објавена како дел од напорите да се соберат средства за рано планирање за реконструкција на Газа, исто така покажа дека конфликтот може да ги намали нивоата на здравство, образование и богатство на територијата на оние од 1980 година, бришејќи 44 години развој.
– Штетата на инфраструктурата е неверојатна. Нема ниту една недопрена зграда во Кан Јунис, вистинската топографија е променета. Има ридови каде што ги немало. Бомбите од 907 килограми што ги фрли Израел всушност го менуваат пејзажот, изјави за „Гардијан“ минатата недела претставник на ОН со седиште во Газа., јави МИА.