Висок функционер на Обединетите нации предупреди дека може да има „катастрофални последици“ ако Израел ги прошири своите воени операции во Газа, по извештаите дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се залага за целосна повторна окупација.
Заменик-генералниот секретар Мирослав Јенча му рече на Советот за безбедност на ОН дека таков потег би бил „длабоко алармантен“ и би можел да ги загрози животите на повеќе Палестинци, како и на израелските заложници што ги држи Хамас, објави Би-Би-Си.
Израелските медиуми објавија дека Нетанјаху утре планира да се состане со својот кабинет за безбедност.
„Коцката е фрлена. Одиме кон целосно освојување на Појасот Газа – и пораз на Хамас“, беше цитиран висок израелски функционер.
Се сугерира дека планот би можел да биде преговарачка тактика за притисок врз Хамас по неодамнешниот прекин на преговорите за прекин на огнот или обид за зајакнување на поддршката од крајно десничарските коалициски партнери на Нетанјаху.
Израел се соочува со растечки меѓународен притисок поради војната во Газа, каде што експертите велат дека гладот е во пораст.
Јенча предупреди дека секое проширување на израелските воени операции „би ризикувало катастрофални последици за милиони Палестинци и би можело дополнително да ги загрози животите на преостанатите заложници во Газа“.
Тој додаде дека според меѓународното право, Газа „е и мора да остане составен дел од идната палестинска држава“.
Израелската војска соопшти дека веќе има оперативна контрола над 75 проценти од Газа, но новиот план наводно предлага окупирање на целиот регион – вклучувајќи ги и областите каде што сега живеат повеќе од два милиони Палестинци.
Предлозите предизвикаа поделби во Израел, при што началникот на армијата и други воени лидери наводно се спротивставија на стратегијата. Неименуван израелски функционер рече дека како резултат на тоа, „началникот на Генералштабот треба да поднесе оставка“.
Семејствата на заложниците изразија страв дека одлуката за окупирање би можела да ги загрози нивните најблиски.
Израел вели дека 49 заложници сè уште се држат во Газа, од кои се верува дека 27 се мртви.
Јенча го повтори повикот до Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот и итно и безусловно ослободување на сите заложници.
Наведувајќи ги „непристојните“ и „нехумани“ услови со кои се соочуваат Палестинците, тој го повика Израел веднаш да го олесни непреченото доставување на доволна помош.
Тој, исто така, го осуди континуираното насилство на местата за дистрибуција на храна, велејќи дека од крајот на мај, повеќе од 1.200 Палестинци се убиени додека се обидувале да добијат храна и залихи.
Фото: ЕПА
Текстот ОН предупреди на катастрофални последици ако Израел ги прошири своите воени операции во Газа е превземен од МАКФАКС.