До 70 пати побрзо се размножува новиот омикрон-сој на коронавирусот од другите варијанти кога се наоѓа во трахеите, двете цевки од нашите бели дробови, откриле научници од Универзитетот во Хонг Конг, но тоа не значи дека е посмртоносен и дека дава потежок ковид. Доколку истиот тој омикрон се најде подоле во самите бели дробови тој се шири 10 пати побавно, што значи дека истражувањето треба внимателно да се толкува, пишува Гардијан.

Според Мајкл Чан Чи-ваи, лидер на тимот, тешката болест се одредува не само од тоа колку брзо се размножува вирусот, туку и од имунолошкиот одговор на една личност и, особено, од тоа дали имунолошкиот систем оди во претерување, предизвикувајќи таканаречена цитокинска бура.

Џереми Камил, вонреден професор по микробиологија и имунологија на Државниот универзитет во Луизијана, истакна дека делта-сојот, која се покажа дека е попатоген, покажала слична шема на побавно реплицирање во белите дробови.

Овие автори открија дека омикрон-сојот се реплицира фантастично добро – дури и далеку подобро од делта или од оригиналниот вирус во нашите бронхи. Ова на некој начин може да придонесе за предност во ширењето и пренесувањето меѓу луѓето – вели Камил.

Тој додава:

Се разбира, огромна компонента на преносливоста на омикрон-сојот во реалниот живот ќе биде неговиот потенцијал да избега од неутрализирачките антитела кои на прво место штитат од инфекција. Многу е веројатно дека тој добро се шири дури и меѓу вакцинираните луѓе, особено оние кои неодамна не примиле трета доза.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.