Околу 13 милиони луѓе во Кенија, Сомалија и Етиопија се соочуваат со силен глад, поради најтешката суша во Африканскиот рог во последните децении, соопшти Светската програма за храна на Обединетите нации.
Во соопштението се наведува дека три сезони дождови „пропаднале“ по ред, а регионот го имал најсушниот период од 1981 година.
Сушата ги уништи посевите и влијаеше на „ненормалната“ смртност на добитокот, што доведе до тоа семејствата во руралните области, кои се потпираат на сточарството и земјоделството, да ги напуштат своите домови, пишува „Франс прес“.
Регионалниот директор на Светската програма за храна за Источна Африка, Мајкл Данфорд, рече дека недостигот на вода и пасишта, како и проектираните потпросечни врнежи од дожд во следните неколку месеци се закануваат само да донесат поголема беда.
Според него, ситуацијата бара итна хуманитарна акција, со цел да се избегне повторување на кризата во Сомалија во 2011 година, кога 250.000 луѓе починаа од глад поради долгата суша.