Најмалку еден милион луѓе ја напуштија Украина во седум дена од руската окупација, соопшти агенцијата за бегалци на ОН, која го опиша раселувањето на Украинците како најбрзиот егзодус на бегалци во овој век. Бројката од 1 милион бегалци според УНХЦР сочинува повеќе од 2% од населението на Украина, а ОН предупредуваат дека се уште продолжува бранот бегалци. Според ОН, се очекува до 4 милиони луѓе да ја напуштат Украина.
“Работев на итни случаи со бегалци скоро 40 години и ретко сум видел толку брз егзодус како овој. Час по час, минута по минута. Повеќе луѓе бегаат од ужасната реалност на насилството. Многумина се внатрешно раселени. И ако конфликтот не заврши веднаш, милиони други веројатно ќе бидат принудени да ја напуштат Украина“, рече Филипо Гранди, висок комесаријат за бегалци на Обединетите нации.
Само во Романија и Унгарија во последните денови влегле десетици илјади бегалци од Украина.
Меѓу бегалците кои побегнаа во Унгарија има околу 200 деца со посебни потреби кои живееле во две домови за деца со посебни потреби во главниот град на Украина, Киев. Директорката на домот рече дека истрелите и ракетите во близина на домот ги принудиле да се евакуираат и да заминат во ЕУ заради безбедност.
“Домовите се наоѓаат токму таму каде што летаа ракетите и имаше пукотници. Разнесено е метрото во близина на домот“, вели Лариса Леонидовна, директорка на домот.
Украина, во меѓувреме, ја напуштија и илјадници индиски студенти кои студираат во Украина. Ова следуваше по притисокот врз индиската влада да ги повлече своите граѓани, особено откако еден студент загина во бомбашките напади во Харков во вторникот. Властите соопштија дека околу 17.000 од околу 20.000 индиски државјани во Украина ја напуштиле земјата, а Њу Делхи се обидува да ги евакуира и останатите нејзини граѓани.
“Информирајте ги нашите високи функционери, амбасадата, премиерот, да го донесат мртвото тело на мојот син“, рече Шехарапа Гјандагудар, татко на убиен индиски студент.
“Никогаш не сум видел таква сцена во мојот живот, никогаш не сум видела ваква сцена во целиот мој живот. Се сеќавам на сирените наутро, и од нас побараа да влеземе во засолништа“, рече Атул Кумар, студент по медицина.
На границата меѓу Романија и Украина се собраа групи волонтери за да им помогнат на оние на кои им е потребна помош. Од сите делови на Европа се собраа цивили и хуманитарни организации за да донесат храна, ќебиња и други основни работи.
„Никогаш не сме биле во таква ситуација, Бог да не чува. Секако дека имаме деца и внуци, не сакаме да завршиме вака. Господ да не чува од оваа ситуација“, вели Омети, волонтерка.
Помош за бегалците доаѓа од многу земји во светот, како од невладини организации, така и од цивилни волонтери.
Вјолца Алити