Ози Озборн прави сè што може за да се подготви за својот последен настап со Блек Сабат во јули. Музичарот, кој боледува од Паркинсонова болест, во едно интервју за „Гардијан“ изјави дека ќе настапи и покрај загриженоста за неговото здравје. „Ќе бидам таму и ќе дадам се од себе“, потврди тој.
Концертот, насловен „Назад кон почетокот“, е закажан за 5 јули на стадионот „Вила Парк“ во Бирмингем. Придружната програма содржи постава на врвни метал бендови – Металика, Тул, Слејер и Антракс – а е во режија на Том Морело. Озборн забележа дека настанот го замислила неговата сопруга, Шерон Озборн, како поттик за него.
„Следното утро се будите и сфаќате дека нешто друго тргнало наопаку“, се присети музичарот. „Почнуваш да мислиш дека ова никогаш нема да заврши. Шерон виде дека се чувствувам лошо и ми рече: „Имам идеја“. Тоа ми даде причина да станам наутро. Си помислив: „Леле, таа има идеја. Еве нè.“
Хуманитарниот концерт ќе го означи повторното обединување на оригиналната постава на „Блек Сабат“ и веќе се смета за последен настап во живо на Озборн. Четирите оригинални членови, Озборн, Тони Ајоми, Гизер Батлер и Бил Ворд, ќе се соберат повторно за овој посебен настан. Озборн за „Гардијан“ изјави дека врската меѓу музичарите е како брак: „се карате со сопругата, но потоа повторно се смирувате“.
Ајоми додаде: „Јас бев тој што рече: „Не знам дали треба да го правиме ова“, бидејќи веќе имавме направено проштална турнеја и не сакав да влегувам во такви работи каде што другите бендови велат дека ова им е последна турнеја, а потоа се враќаат. Но, тие ме убедија бидејќи го правиме тоа со причина.“
Бендот внимателно размислува како да го организира концертот со оглед на физичките ограничувања на Озборн. Батлер рече: „Синоќа имав кошмар. Сонував дека сè тргнало наопаку на сцената и сите се претворивме во прав. Важно е да оставиме одличен впечаток, бидејќи ова е последен пат кога луѓето ќе нè видат во живо. Значи, мора да биде одлично таа вечер.“
Озборн потврди дека нема да може да го свири целиот сет. „Ќе отсвириме само по неколку песни секој од нас“, рече тој. „Не сакам луѓето да мислат ’Нè измамија’, бидејќи тоа ќе биде семпл, ќе добиете неколку песни од Ози и Сабат.“
Музичарот објасни и дека интензивно се подготвува. „Вежбам со тегови, возам велосипед, имам еден дечко кој живее во мојата куќа и вежба со мене“, рече тој. „Тешко е – долго време бев прикован за кревет. Лежев на грб, не правев ништо и првото нешто што исчезнува е мојата сила. Како да почнуваш одново. Имам вокален тренер што доаѓа четири дена во неделата за да ми го одржи гласот.“
„Имам проблеми со одењето. Исто така, имам проблеми со крвниот притисок, поради згрутчување на крвта во нозете. Навикнат сум да поминувам два часа на сцената, скокајќи и трчајќи наоколу. Не мислам дека овој пат ќе скокам или трчам многу. Можеби ќе седнам, но ќе бидам таму и ќе дадам се од себе. Сè што можам да направам е да дојдам“, додаде тој.
Озборн призна дека би сакал да продолжи да настапува, но дека ова би бил официјален крај на неговата концертна кариера. „Би сакал да кажам „никогаш не вели никогаш“, но по последните шест години, време е“, рече тој.
„Поминав повеќе од 50 години на пат, но сега се навикнав на поинаков живот. Не се дрогирам, ниту живеам како рок-ѕвезда. Никогаш не излегувам и не пијам. Што ми преостанува? Мразам да одам на шопинг со сопругата. По половина час сакам да се самоубијам. Но, треба да поминувам време со моите внуци, не сакам да умрам во хотелска соба некаде. Сакам да го поминам остатокот од животот со моето семејство.“
Текстот Ози Озборн во пресрет на неговиот последен настап: Не можам да скокам и да трчам, но ќе бидам таму е превземен од МАКФАКС.