Во период од 6 август до 21 октомври годинава во Македонија починале 1.506 лица заразени со ковид -19. Од нив 1.246 пациенти, односно 83 отсто од починатите не биле вакцинирани, а само 260, односно 17 проценти примиле вакцина, соопшти Министерството за здравство, објавувајќи ја анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со ковид 19 во овој период.

Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас.

Во период од 06.08 до 21.10.2021 на територија на државата 42.945 граѓанин, се позитивни од тестирани на Ковид 19, од нив 26% биле целосно вакцинирани, односно 11.253 лица.

Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид 19. Според статистика за изминатиов период 31.692, граѓани, односно 74% од позитивните на Ковид 19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 76%, додека само 24% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна.

Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на SarsCoV2, велат од МЗ.

За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Според податоците од МЗ, во средата биле аплицирани 2.919 дози вакцини, од кои 565 се аплицирани како прва доза, 1.286 се ревакцинирани, а 1.068 граѓани примиле трета доза вакцина.

Заклучно со 20 октомври вкупно се вакцинирани 800.357 граѓани, ревакцинирани се 766.521 а трета доза примиле 2.365 граѓани. 54% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57%, а со две дози опфатени се 46% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.