Патрик Муратоглу, еден од најпознатите тениски тренери, јасно и гласно вели дека Новак Ѓоковиќ е најголемиот на сите времиња.
Ѓоковиќ е член на „големата тројка“ со Федерер и Надал, но за Муратоглу нема дилема дека тој е далеку пред овие двајца.
Французинот, во интервју за „Јуроспорт“ објасни зошто е тоа така.
„Кога ќе ги погледнете тројцата најдобри, еден од нив е најдобар. Беше број 1 подолго од другите двајца, освои повеќе Грен слемови од нив, освои повеќе Мастерс од нив, ги победуваше секаде, на сите подлоги. Тоа е Новак”, рече Муратоглу.
Во однос на влијанието врз тенисот, Муратоглу вели дека можеби предност има некој друг, но тоа не менува многу.
„Се согласувам дека можеби за 50 години некој ќе каже дека Федерер оставил поголема трага од Ѓоковиќ, но кога бираме кој е најдобар во историјата, мора да се потпреме на постигнувањата“, рече францускиот тренер и заклучи.
„Целата идеја за спортот е кој е подобар. Играчите се натпреваруваат меѓу себе за да видат кој е најдобар таа недела, на крајот на годината ќе видиме кој е најдобар во таа година. Затоа ова е лажна дебата. Ако прашањето е кој е најдобар, тогаш одговорот е јасен – Новак“.
Текстот „Од тројцата најдобри, најдобар е Ѓоковиќ“ е превземен од МАКФАКС.