Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) заклучно до 13 февруари годинава регистрирал 26 пациенти кои трипати се заразиле со ковид-19 од почетокот на пандемијата. Според податоците на ИЈЗ регистрирани се вкупно 9.078 (3,1%) реинфекции со ковид-19.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.236 реинфекции (од кои 6 се втори реинфекции), со намалување за 7,8% во однос на претходната недела. Од реинфекциите, 16 завршиле со смртен исход.
Неделниот извештај на ИЈЗ за период од 7 до 13 февраури покажува дека се тестирани вкупно 26.360 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 21,1% во однос на минатата недела.
Регистрирани сe 8.638 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со намалување од 13,4% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 27,2% до 37,4%, просечно 32,2%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на
лица на возраст над 60г и 40-49г (18,9%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9г. Во однос на претходната недела, се забележи намалување на бројот на заболени кај возрасните групи над 20 години, со најзабележително намалување од 31,5% во возрасната група од 20-29г. Во однос на претходната недела, се забележува зголемување кај возрасните групи од 0-9г и од 10-19г, за 39,5% и 47,6%, соодветно.
Пријавени се 124 смртни случаи во 23 градови во текот на изминатата недела, за 32,6% помалку во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (49). Во однос на возраста, најголем број (97,6%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (3).
Освен омикорн, кој е доминантен, од ИЈЗ велат дека се уште циркулира и Делта варијантата.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.