Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за здравство Фатмир Меџити и заменик министерката за здравство Маја Манолева денеска во Битола промовираа хеликоптер со нова опрема за итна медицинска помош.
Од денеска медицински транспорт за најитните случаи со хеликоптер
– Од моментот на основање на современата македонска држава до денес, немавме ресурси со кои ќе можевме да вршиме транспорт на пациенти по воздушен пат. Промовираме нешто што е од исклучителна важност за граѓаните во нашата држава. Имаме одлична соработка со словенечката полиција и посебно меѓу двете хеликоптерски единици. Во духот на нашето пријателство и партнерство, словенечката полиција донираше опрема за обновување на еден хеликоптер и истата може да биде приспособена за неколку наши хеликоптери и да вршиме транспорт на пациенти, истакна министерот Спасовски.
Настанот во Битола почна со задоцнување затоа што хеликоптерот за итна медицинска помош интервенираше во непристапен терен кај селото Буковиќ.
-Задоцнивме за да помогнеме на едно лице на кое му се случи несреќа кај селото Буковиќ. Станува збор за ловџија кој моравме да го транспортираме заради скршеници. Помошта преку Службата за итна медицинска помош не беше возможна поради непристапен терен и помогнавме со овој медицински хеликоптер. Така промоцијата на хеликоптерот е направена денеска со навремена медицинска помош на пациент, изјави министерот за здравство Меџити.
Според него, брзиот транспорт на пациентите е исклучително важен во ургентни состојби.
– Првиот час по настанување на критичната здравствена состојба, ние лекарите го нарекуваме „златен час“. Токму во тоа време соодветна интервенција значително ги подобрува шансите за позитивен исход. За сите тие медицински состојби, сега имаме ултрабрз транспорт, рече Меџити.
Според заменик министерката за здравство Маја Манолева, хеликоптерот за итна медицинска помош е еден од најголемите проекти во областа на здравствениот транспорт во земјава.
-Во соработка со Министерството за внатрешни работи, стартуваме транспорт на пациенти со хеликоптер од болниците во изолирани и недостапни региони при итни медицински состојби, првично до ГОБ 8 Септември, а во иднина имаме план за проширување на овој сервис и вклучување на повеќе медицински центри. За успешната реализација на проектот, опремивме хеликоптер со медицинска опрема од ГОБ „8 Септември“, вклучувајќи монитори за следење на витални параметри и инвазивен мониторинг, дефибрилатор, кислородна боца, аспиратор, како и лекови и друга медицинска дополнителна опрема што се предвидува според дијагнозата на пациентите што ќе бидат транспортирани. Освен медицинската опрема, во хеликоптерот ќе биде вклучен и медицински тим од лекар и медицинска сестра. Важно е да се потенцира дека транспортот е потполно бесплатен за пациентите, нагласи Манолева.
Од Министерството за здравство најавија дека планираат формирање и на посебен кол центар одговорен за координација, како и проширување и вклучување на повеќе медицински центри во државата.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.