Специјалниот суд на Албанија ја одложи за утре одлуката за барањето за мерката куќен притвор за поранешниот премиер, Сали Бериша. Исто така, Врховниот суд одлучи да го врати прашањето за печатот и логото на Демократската партија на повторно судење.
Во меѓувреме, пред канцелариите на Специјалниот суд, како што најави Бериша, неговите поддржувачи протестираа низ Тирана со транспаренти на кои пишуваше: „Можете да го купите печатот, но никогаш опозицијата“. Демонстрантите ги предводеше пратеникот на Демократската партија, Фламур Нока.
Демонстрантите заедно со Бериша се упатија кон партискиот штаб каде што Бериша одржа говор.
„Еди Рама на чело на оваа партија сака да ја искорени Демократската партија, но ние ќе истраиме. Непобедливи сме. Со оваа платформа нашите протести ќе се прошират низ целата земја и ќе бидат фокусирани пред сите институции за криминал, пред Владата, ќе бидат фокусирани во секој агол на земјата, за да ги заштитат нашите слободи“, рече Бериша.
Адвокатите на Бериша повторно побараа изземање на судијката Ирена Ѓока која го води случајот за наводна пасивна корупција на Бериша за случајот со приватизацијата на спортскиот комплекс Партизан, но судското тело тоа го одби.