Турција може да ги затвори Босфорот и Дарданелите за руските воени бродови, но руската страна ќе има право да ја врати својата флота во базата, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
„Добивме официјално барање од Украина. Одредбите на Конвенцијата од Монтре се исклучително јасни и прецизни. Во војна во која Турција не е страна, може да се преземат мерки против земјите кои учествуваат во неа. Турција може да го ограничи минувањето на руските воени бродови низ мореузот. Но, Конвенцијата од Монтре исто така предвидува дека бродовите на земјите што учествуваат во војната можат да се вратат во своите бази и дека тоа треба да им биде дозволено“, рече Чавушоглу, а пренесува ТГРТ Хабер.
Претходно, амбасадорот на Украина во Турција, Василиј Бондар изјави дека Киев бара од Анкара да го затвори преминот за Русите.
Конвенцијата Монтре, усвоена во 1936 година, дозволува слобода на минување на трговските бродови од сите земји, и во мир и во време на војна. Сепак, режимот на минување на воени бродови е различен за црноморските и нецрноморските држави. Воведени се значителни ограничувања на класата и должината на престојот за воените бродови што не се во Црното Море. Во итни случаи, Турција има право да го забрани минувањето на воените бродови низ Босфорот и Дарданелите.