Уметницата Маја Зеќо ќе го изведе перформансот „Одбрана и заштита“ денес, 19 јуни со почеток во 19:30 часот. Перформансот започнува од споменикот на Цар Самоил на Плоштад Македонија, и ќе трае околу 90 минути. Публиката може да го проследи целиот перформанс или дел од него.

Овој моќен перформанс е дел од нејзината тековна изложба „Нарушени иднини“ во КСП Центар- Јадро, а претходно е изведен во Загреб и Лондон.

Во „Одбрана и заштита“, уметницата носи засилен костим со вградени звучници кои емитуваат звуци од воени дронови и поврзани фреквенции. Делото се осврнува на постепеното губење на нашето колективно чувство на сигурност и на потребата сè повеќе сами да се грижиме за сопствениот опстанок во денешниот, крајно сложен глобален политички контекст.

Публиката е поканета активно да учествува: на лице место ќе биде достапен QR-код со кој присутните ќе можат да се приклучат и да ги репродуцираат звуците преку своите уреди.

Зеќо во своите делата користи стратегии на перформанс и звучна уметност за да се справи со современите ургентности за местото, идентитетот, миграцијата, деколонијалните и балканските футуризми. Таа изложувала меѓународно во Абердин, Единбург, Загреб, Сараево и Мелбурн, Австралија.

Изложбата „Нарушени иднини“е отворена во КСП Центар- Јадро до 26 јуни.

Маја Зеќо е родена во Сараево а живее во Шкотска од 2015 година. Таа е интердисциплинарна уметница која работи на пресекот меѓу перформанс, звук и подвижна слика. Во нејзината истражувачки ориентирана пракса, таа се занимава со теми како идентитети, деколонијалност и идеи за балкански футуризми. Критичкото истражување на овие теми ја води Маја кон акти на само-погребување, нуркање во вода за повикување сеќавања, експерименти со сензорно попречување и практики на издржливост. Таа заврши докторски студии базирани на пракса во 2019 година и ги има претставено своите дела низ Обединетото Кралство и на меѓународно ниво, вклучувајќи ги Лондон, Лестер, Линколн, Единбург, Перт, Абердин, Цирих, Сараево и Загреб.

Текстот „Одбрана и заштита“ – моќниот перфероманс на Маја Зеќо денес во Скопје е превземен од МАКФАКС.