Повеќето од болестите на таа листа ни се веќе познати – ебола, САРС, Зика и слично – но последната болест на тој список има застрашувачко име „Болест Х“!
Терминот „Болест Х“ го користи СЗО за да резервира место на листата за болест засега непозната за медицинската наука која ќе предизвика инфекции кај луѓето.
Со оглед на тоа што причината за болеста – некој вирус, бактерии, габичка или нешто друго – сè уште ќе биде непозната, веројатно нема да има достапни вакцини или лекови.
„Ова не е научна фантастика. Ова е сценарио за кое мора да се подготвиме. Тоа е ‘Болест Х’“, вели д-р Ричард Хачет од Коалицијата за иновации во подготовките за епидемија (ЦЕПИ).
ЦЕПИ е основана на почетокот на 2017 година од владите на Норвешка и Индија, Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, Wellcome Trust и Светскиот економски форум и претставува партнерство помеѓу јавни, приватни, филантропски и граѓански организации. Мисијата на ЦЕПИ е да го финансира и координира развојот на вакцини за да го заштити светот од идни епидемии.
Еден од начините на кои ЦЕПИ има намера да го направи тоа е со поддршка на развојот на „платформски технологии“ кои ќе го забрзаат производството на вакцини против нови и непознати патогени како што е предвидената „Болест Х“.
Што се однесува до самиот термин „Болест Х“, тој беше измислен од Светската здравствена организација во 2018 година. Со вклучувањето на „Болеста Х“ во листата на приоритетни болести, СЗО предупредува на ризикот од некои нови, сè уште непознати патогени.
Истата година, во британски „Телеграф“ се појави напис на д-р Хачет во кој тој го опишува повторното појавување на вирусот ебола во Африка, кој сега е многу полесно да се држи под контрола, бидејќи го знаеме и постојат вакцини и лекови.
„Но, замислете да се појави вирус што досега никогаш не сме го виделе и за кој не постои лек и кој би можел да загрози илјадници, можеби дури и милиони луѓе ширум светот. Освен животот на заболените, замислете каков ефект би имало тоа врз светската економија?“, праша д-р Хачет во статијата.
Но, не требаше долго да се замисли.
Една година подоцна, кога ковид-19 почна да се шири низ Кина, светот беше сведок на смртоносна пандемија предизвикана од новиот вирус. Во тој момент тоа беше „Болеста Х“.
„Не е претерување да се каже дека постои можност многу брзо да се појави „Болеста Х““, рекол д-р Пранаб Чатерџи, истражувач во Одделот за меѓународно здравје на Факултетот за јавно здравје Џон Хопкинс Блумберг во Балтимор. „Неодамнешниот бран на птичји грип Х5Н1 во Камбоџа е само пример“, додал Чатерџи.
Некои експерти за јавно здравје веруваат дека следната „Болест Х“ ќе биде зоонотска, што значи дека ќе потекнува од диви или домашни животни, а потоа ќе се премине на луѓето.
Еболата, ХИВ/сида и ковид-19 беа зоонотски болести.
Меѓутоа, постојат и други извори на болеста, а еден од нив во иднина може да биде и биотероризмот.
„Не ја игнорираме можноста за произведен патоген“, велат авторите на написот објавен во 2021 година.
„Ширењето на таквите патогени, било со случајни несреќи во лабораториите или нивно намерно пуштање, може да предизвика „Болест Х“ и да има катастрофални последици“, додаваат тие.
Постои уште една можност да се работи за т. н. „зомби вируси“ кои со векови беа замрзнати во вечниот мраз, но сега се ослободуваат поради климатските промени и топењето на мразот.
Некои од приоритетните болести на списокот на СЗО се Марбург вирусот, Кримско-конгоанската хеморагична треска, Нипах и други хенипавируси, треската од долината Рифт и МЕРС.
Со цел да ја превенираат или да се борат против замислената „Болест Х“, медицинските експерти многу гласно повикуваат на зголемени инвестиции во надзор и истражување на вируси со пандемски потенцијал.
„Ковид-19 не беше првата епидемија што предизвика многу проблеми во светот, а нема да биде ниту последна“, напишаа авторите на написот во списанието „Infection Control & Hospital Epidemiology“. „Затоа мора да се подготвиме за избивање на следната пандемија што е можно поскоро.“
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.