По неодамнешниот успех во Грузија, нашата реномирана диригентка, маестра Дијана Имери Илкоска, продолжува со нови меѓународни претставувања. Неодамна настапи со Софиската филхармонија како гостин-диригент на концертот насловен „Виолините на Бах“, на кој како солистки се претставија реномираните виолинистки Зорница Иларионова и Божидара Кузманова.
Илкоска одново ја покажа својата „енергична, храбра, страствена и уникатна музичка експресија“ во својата работа со овој престижен оркестар, во чија актуелна сезона настапуваат светски реномирани ѕвезди од класичната музичка сцена.
Стручната критика, нејзиниот настап го нарече „величествен“, а дополнителна потврда за тоа беа стоечките овации од многубројната публика присутна во сала „Бугарија“.
Во оваа музичка вечер прозвучеа три капитални дела од творештвото на Јохан Себастијан Бах – Концертите за виолина и оркестар бр.1 во a-moll и бр.2 во E-dur, како и Двојниот концерт во d-moll. Во оживувањето на овие партитури, маестра Илкоска покажа почитување кон карактеристичниот барокен стил на изразување, особено на Баховиот композиторски печат кој останува автентичен и препознатлив по скоро три века. Истовремено, таа успеа да внесе сопствена интерпретација на овие дела со карактеристичен звук на оркестарот кој станува нејзин препознатлив потпис.
Инаку, маестра Илкоска е основач и главен диригент на Камерниот оркестар „ИД“, а во досегашната кариера соработувала со реномирани оркестри меѓу кои и со: Tbilisi Youth Orchestra, Дубровачкиот Симфониски оркестар, Оркестарот и Хорот на БНР, Македонската опера и балет, Симфонискиот и камерен оркестар на ФМУ, Македонската филхармонија…
Текстот Овации за маестра Дијана Имери Илкоска во Софија е превземен од МАКФАКС.