Женската ракометна репрезентација на Македонија забележа нов пораз во ЕХФ Евро Купот, откако одново беше поразена од фаворизираната селекција на Црна Гора, овој пат со 31-30. И покрај вториот неуспех во ова натпреварување, нашите девојки повторно оставија одличен впечаток и нивниот пристап на паркетот, како и големата борба, влева голема надеж во иднина. Селекторот Савевски и на овој натпревар шанса им даде на најмладите во својот ростар, кои одлично се справија со притисокот и најавија дека се иднината на нашиот женски ракомет.
Иако Црна Гора на овој меч започна со далеку поквалитетен и поискусен состав во однос на дуелот во Скопје од пред неколку дена, нашите девојки не потпаднаа под притисокот и одново му зададоа големи проблеми на фаворизираниот противник.
Миновска и Стојковска беа расположени за надигрување и токму со нивните голови Македонија не дозволи домаќинот да се фати ритам, а кон средината на првиот дел со голот на Јанкуловска, нашата селекција за првпат поведе со два гола разлика (5-7).
Домашниот селектор Бојана Поповиќ беше приморана да реагира со тајм-аут, по кој нејзините девојки девојките се созедоа и со серија од 5-0 ја вратија позитивата на своја страна (10-7). Сепак, Миновска, Стојковска и Дабевска не застанаа и во самиот финиш од првиот дел ги искористија грешките на Црна Гора и беа најзаслужни за егал резултатот на полувреме, 16-16.
Црногорките свесни дека одиграа под своето ниво во првите 30 минути, во вторите презедоа сè во свои раце и не оставија ништо на случајност. Радичевиќ, Брновиќ и Рамусовиќ влегоа во посакуваниот ритам и почнаа да го полнат нашиот гол.
Македонија влезе во грч и грешки во фазата на нападот, па тоа донесе лесни голови на домаќинот и водство од 27-22 на 15 минути до крајот на натпреварот. Но, младите девојки на Савовски не се предадоа и со деби-голот на младата Ризоска, се вратија на еден гол негатива (28-27). Сепак, искуството на Црна Гора беше пресудно во финишот, Македонија влезе во мини-криза која што беше казнета од притивникот за конечна победа на Црна Гора од минимални 31-30.