Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ постигнаа договор за 17-тиот пакет санкции против Русија, кој треба да го потврдат министрите за надворешни работи следната недела. Новиот пакет санкции вклучува речиси 200 нови танкери од таканаречените „флоти во сенка“ што Русија ги користи за да ги заобиколи санкциите.

Станува збор за стари, неосигурени бродови кои користат разни трикови за да го сокријат потеклото на нафтата што ја транспортираат, вклучително и испраќање фалсификувани податоци и исклучување на транспондерите. Се сомнева дека бродовите се користат и за саботажи на подморничката инфраструктура. Досега, 153 вакви бродови се санкционирани и им е забрането да се закотвуваат во европските пристаништа. Сега тој број се зголеми на околу 350 бродови.

30 компании се додадени на листата на санкции поради вмешаност во заобиколување на санкциите, особено кога станува збор за производи со двојна намена. Овие компании ќе се соочат со нови трговски ограничувања. Санкциите ќе ги опфатат и компаниите од земји како Виетнам, Србија и Турција за кои постои сомневање дека ја снабдуваат руската војска.

Додадени се уште 75 поединци и компании поврзани со воено-индустрискиот комплекс. Исто така, се забранува извоз на хемикалии од ЕУ што можат да се користат за производство на ракети.

Заедно со овој пакет, ЕУ ѝ се закани на Русија со „масовни санкции“ доколку одбие да го прифати предлогот за прекин на огнот од 30 дена, поддржан од САД.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја предупреди Москва во вторникот дека ќе се соочи со дополнителни санкции доколку нема вистински напредок кон мир во Украина оваа недела. Мерц го покани рускиот претседател Владимир Путин да седне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Истанбул во четврток за да разговараат за прекин на огнот и евентуално мировно решение.

Текстот Објавено кои санкции ги воведува ЕУ кон Русија: опфатени се и компании од Виетнам, Србија и Турција за кои постои сомневање дека ја снабдуваат руската војска е превземен од МАКФАКС.