Хавердфордвест е противникот на Шкендија во 1. квалификациско коло од Лигата на Конференции. За таа цел, денеска тетовскиот тим на прес-конференција ги искажа своите очекувања.
Тренерот Ардијан Нухиу е задоволен од она што го затекнал по доаѓањето во Шкендија, од екипата кои се тука од минатото, но и од новите игрфачи.
„Јас веќе 40 дена сум во Шкендија, задоволен сум од она што го затекнав, има играчи со голем потенцијал. Староседелците во тимот направија се да им помогнат и да бидат прифатени и новите играчи како треба. Треба време за новите играчи, но ценам дека за овој период колку што тренираме заедно ќе е доволно утре да се покажеме во добро издание за добар резултат. Околу тактиката, ќе одлучиме по денешниот последен тренинг“, рече Нухиу.
Нухиу истакна дека верува во играчите и убеден е дека ќе го дадат максимумот за победа.
„Задоволен сум од екипата, имаме многу тактички подготвени играчи. Им верувам на играчите и верувам дека утре ќе го дадат максимумот. Од натпревар во натпревар ќе бидеме се подобри, и секој меч ќе одиме на победа, а сакам да применам еден стил на игра по кој ќе биде препознатлив тимот“, изјави Нухиу, кој го коментираше преодниот рок на тетовскиот тим.
„Секој тренер сака повеќе играчи, тоа е нормално во секој тим. Но, задоволен сум од ростерот кој го имав и играчите кои дојдоа. Новите играчи одговорија позитивно низ подготовките, и тој одговор го очекувам и утре“, напомена Нухиу кој додаде дека преодниот рок не е завршен.