По репрезентацијата на Јапонија, уште една селекција се пласираше на Светско првенство. Репрезентацијата на Нов Зеланд избори пласман на Мундијалот во 2026 година, чии домаќини ќе бидат Мексико, Канада и САД.

„Кивите“ ја совладаа Нова Каледонија со 3:0 (0:0) во финалето на квалификациите во зоната Океанија.

Иако резултатот беше убедлив, Новозеланѓаните се мачеа да спречат сензација пред 25.000 свои навивачи во Окленд.

Отпорот на аматерската селекција, репрезентативците на нов Зеланд го скршија во последните 30 минути од натпреварот.

Иако се очекуваше Крис Вуд да биде главна закана кон голот на Нова Каледонија, победата на „кивите“ им ја донесоа Мајкл Боксал со гол во 62. минута, Коста Барбарусес во 66. минута и Елајџа Џаст во 80. минута.

Нов Зеланд е петтиот учесник на СП 2026 година, по Јапонија, која беше доминантна во азиските квалификации и организаторите на завршниот турнир.

Новозеланѓаните петти пат по ред ги освојуваат квалификациите за Океанија, а Светското првенство во 2026 година ќе биде нивно трето во историјата, по Светските првенства во 1982 и 2010 година.

Нова Каледонија ќе има уште една шанса да дојде до Мундијалот. Оваа репрезентација ќе учествува во интерконтинеталниот бараж.

Текстот Нов Зеланд избори пласман на Светското првенство е превземен од МАКФАКС.