Нов Зеланд соопшти дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана за околу 4,5 милијарди евра во следните четири години, со цел речиси двојно да ги зголеми трошоците до два отсто од БДП во следните осум години, во услови на зголемени тензии ширум светот.

Детали за зголемувањето на трошоците ги објави премиерот Кристофер Луксон, кој повика на повеќе трошоци за одбраната за да се обезбеди просперитет.

„Нов Зеланд и нашите сојузници и партнери ширум светот повеќе не се во бенигна средина“, рече тој на прес-конференцијата на која го објави Планот за одбранбена способност.

„Мојот примарен фокус е економијата на оваа земја. Сепак, не може да има просперитет без безбедност, а одбраната е витална компонента на таа слика“.

Планот за одбранбена способност предвидува ново финансирање од 9 милијарди новозеландски долари во следните четири години за зајакнување на одбранбените способности. Станува збор за дополнителни средства над основната потрошувачка што ќе биде објавена во мај.

Првиот преглед на националната безбедност на Нов Зеланд во 2023 година повика на повеќе воени трошоци и посилни врски со индо-пацифичките нации за справување со климатските промени и стратешката конкуренција меѓу Западот, Кина и Русија.

Одбранбените сили на Нов Зеланд се борат со системско недоволно финансирање во изминатите неколку децении, кое сега изнесува нешто повеќе од еден процент од БДП.

Текстот Нов Зеланд ги удвојува трошоците за одбрана е превземен од МАКФАКС.