Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски денеска заедно со министерот за здравство Фатмир Меџити беше во посета на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, каде имаше свое обраќање по повод промоција на нови апарати на оваа клиника.
Во продолжение ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот Димитар Ковачевски:
Денеска повторно сме во посета на уште една од нашите здравствени установи, денес сме скопската Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, каде помогнавме со модернизирање на опремата со која располага Клиниката со набавка на нови апарати.
Инвестиравме над 700 илјади евра за набавка на нов современ апарат за литотрипсија, поточно апарат за разбивање камења во бубрег и во уринарниот тракт којшто се очекува да го олесни третманот на пациентите кои по интервенцијата ќе можат да си заминат дома.
Се работи за најсовремен апарат кој што е од најновата генерација и токму во оваа болница е практично третиот во државата кој што е да кажеме на ниво повисоко од другите кои што ги имавме.
Со тоа се овозможува современ и брз третман на пациентите, но и олеснување на работата на здравствените работници, како и на Клиниката каде ќе нема потреба од подолго задржување на пациентите.
На Клиниката е набавен и нов апарат за мамографија со томосинтеза. Томосинтезата на дојка е револуционерен напредок во дијагнозата на рак на дојка со што за 30% се зголемува точноста при интерпретација на мамографиите. Овој апарат е инсталиран во новиот оддел за радиодијагностика, а инсталиран е и нов ултразвучен ехо колор доплер за ехо на дојка, со што ќе се овозможи да се врши и мамографија и ехо на дојка.
Со овие нови апарати ќе се зголеми ефикасноста во рано детектирање на ракот на дојка, а воедно ќе се растеретат капацитетите на здравствениот систем преку тоа што ќе се даде можност овие проверки да се прават на повеќе места отколку што тоа беше случај досега.
Воедно набавен е и лапароскопски столб за изведување на минимално инвазивни хируршки процедури, кој веќе е ставен во функција во оваа Клиника.
Вкупната инвестиција за новите апарати кои имавме можност да ги видиме денеска изнесува околу 1 милион евра, пари кои се обезбедени од Министерството за здравство. Сè ова е надополнување на серијата наши инвестиции во здравството, кое континуирано го подобруваме и модернизираме.
Пред неколку дена ваквите услови можевме да ги видиме при отворањето на новата Поликлиника „Сарај“, инвестиција вредна близу 1,3 милиони евра, а можевме да ги видиме и вчера при отворањето на реновираната хируршка сала на Клиниката за ортопедски болести во Скопје.
Претходно сакам да ја споменам и клиниката Козле која со владина одлука од институт за белодробни заболувања прерасна во клиника каде ќе се овозможи и специјалистичка нега на терцијално ниво.
Со ова во еден навистина краток период е направено многу за здравството, ние ќе продолжиме понатаму, ќе продолжиме и после 8-ми мај со новата влада која пак ќе биде про европска, која повторно ќе се грижи за унапредување на општеството по европски стандарди.
Во оваа прилика да им посакам успешна работа на лекарите во оваа Клиника, една од позначајните клиники во целата држава, една од пооптеретените, сите ја знаеме практично секој што живее во Скопје па и надвор од Скопје од најмали години практично доаѓа тука.
И да се заблагодарам на целиот персонал, на сите доктори, на сите професори, на сите сестри кои работат овде кои што навистина се грижат деноноќно за здравјето на нашите граѓани.
Посакувам многу успешна работа, со среќа користењето на новата опрема и како што се вели што помалку да биде користена.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.