Претседателот на Синдикатот за образование, Јаким Неделков инсистира на учениците од четврто одделение да им се испечатат и книги за време на наставниот процес и покрај тоа што новиот концепт предвидува реализација на настава со дигитални учебници. Според Неделков, реформите ќе бидат добредојдени кога училиштата ќе имаат еднакви услови за нивно спроведување.

За разлика од СОНК, министерката за образование, Мила Царовска не дозволува, покрај дигиталните учебници, да има и печатени, во случајов фотокопирани. Според Царовска, образовниот систем не е совршен, но сите основни училишта успешно ги спроведувале реформите. Новата учебна година започна заедно со новиот наставен концепт за прво и четврто одделение. Учениците веќе немаат обични, туку само дигитални учебници кои треба да ги читаат од компјутер, лаптоп или преку мобилен телефон. Но, поради тоа што многу ученици немаат таква опрема, беа принудени да фотокопираат, но Министерството за образование тоа не го дозволува. Покрај учениците, бројни поплаки доаѓаат и од наставниците кои велат дека поради немањето услови, новиот концепт на наставата не се спроведува.