Нова студија покажува дека сиромашните најмногу страдаат од екстремните температури

Екстремните температури повеќе влијаат на здравјето на тие со пониски примања, покажува нова студија на истражувачкиот институт за јавно здравје во Мадрид „Каролс III“, пренесува Гардијан.

„Едноставно е. Топлотниот бран не е ист во заедничка соба со уште три лица и без клима-уред и во вила со пристап до базен и клима-уред“, вели истражувачот Хулио Диаз Хименез.

Во истражувањето се исппитувало во кои општини во Мадрид топлотните бранови најмногу влијаеле врз смртноста на граѓаните – таков бил случајот во само три општини, кои биле и најсиромашните.

Истражувачите го прошириле истражувањето на ниво на цела Шпанија. Резултатите биле исти – клучен фактор за ранливоста при топлотни бранови биле примањата.

Луѓето со пониски приходи често немаат пристап до квалитетно живеалиште. Многумина живеат во пренатрупани, слабо проветрени домови, кои не нудат воздишка од топлината. Посиромашни лица исто почесто се справуваат со тешкотии со здравствениот систем, што ги прави поранливи на состојби што би можеле да се влошат од екстремна топлина. Посиромашни луѓе исто така почесто се на работни позиции кои се поизложени на високи температури, особено тие во полиња како земјоделството и градежништвото.

Дури и кога луѓе имаат пристап до клима-уред, тие со пониски приходи поретко можат да си дозволат да го користат. На почетокот на оваа година, хуманитарната организација „Save the Children“ предупреди дека едно од три деца во Шпанија не можат соодветно да се разладат дома. Организацијата тврди дека ова може да има значително и штетно влијание врз менталното и физичкото здравје на повеќе од две милиони деца во државата.

Но, ова не е првото истражување од ваков вид. Истражувачката Алби Дуарте Роча од Техничкиот универзитет во Берлин посочува дека тие со пониски примања имаат помалку избор за тоа во кое подрачје во градот ќе живеат. Односно, тие почесто живеат во подрачја со помалку зелени површини и повеќе асфалт.

Извор: Мета