Поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп малку се намали оваа недела на 42 проценти, што е најниското ниво во неговиот нов мандат, а Американците продолжуваат негативно да го гледаат неговото справување со американската економија, според новата анкета на Ројтерс/Ипсос.
Резултатите од тридневната анкета, која заврши во недела, покажаа мал пад во споредба со претходната недела, кога анкетата на Ројтерс/Ипсос покажа дека 44 проценти од Американците го одобруваат работењето на Трамп како претседател. Анкетата има маргина на грешка од три проценти.
- Вкупна поддршка за Трамп: 42%
- Поддршка за управување со американската економија: 39%
- Поддршка за управување со трошоците за живот: 33%
Иако ниска според историските стандарди, популарноста на Трамп останува поголема отколку за време на неговиот прв претседателски мандат, а исто така и повисока од популарноста на неговиот претходник Џо Бајден во текот на втората половина од неговиот мандат од 2021 до 2025 година.
Трамп имаше највисок рејтинг од 47 проценти по враќањето во Белата куќа во јануари. Поддршката за Трамп не се промени многу во последните недели. Само 39 проценти од испитаниците рекле дека Трамп добро ја управува американската економија, што е непроменето во однос на претходната недела.
Околу 33 проценти од испитаниците позитивно оцениле како Трамп се справува со трошоците за живот, што е зголемување во однос на минатата недела. Сепак, многу економисти очекуваат инфлацијата повторно да се зголеми, бидејќи царините вршат притисок врз профитот на увозниците.
Анкетата на Ројтерс и Ипсос опфати 1.024 лица, а беше спроведена онлајн и на национално ниво.
Текстот Нова анкета: 42% од Американците го поддржуваат Трамп е превземен од МАКФАКС.