Нобеловецот Мухамед Јунус именуван за шеф на привремената влада на Бангладеш

Согласно барањата на демонстрантите, претседателот на Бангладеш го назначи Мухамед Јунус, пионер во микрофинансирањето и добитник на Нобеловата награда за мир, да ја предводи привремената влада на Бангладеш.

Нобеловецот од Бангладеш, Мухамед Јунус ќе ја предводи привремената влада на земјата, откако поранешната премиерка Шеик Хасина се повлече и побегна од земјата поради масовниот бунт против нејзиното владеење предводен главно од студенти.

Соопштението рано во средата дојде од Џојнал Абедин, прес-секретарот на претседателот Мохамед Шахабудин. Абедин разговараше со Асошиетед прес преку телефон.

Како што пренесува Франс 24, водачите на студентските протести, началниците на трите одделенија на војската во земјата и членовите на граѓанското општество, како и некои бизнис лидери одржаа состанок со претседателот повеќе од пет часа доцна во вторникот за да одлучат за шефот на привремена управа.

Според Њујорк тајмс, Јунус има две непосредни задачи. Тој прво мора да го воспостави редот во земјата со 170 милиони луѓе, која е разрушена од неколкунеделни студентски протести и насилни судири со безбедносните сили во кои загинаа повеќе од 100 луѓе. И тогаш тој мора да ја дефинира улогата на привремената влада и нејзиниот мандат додека Бангладеш не одржи избори за избор на нов лидер.

Претседателот на Бангладеш во вторникот го распушти Парламентот, отворајќи го патот за нови избори за замена на долгогодишната премиерка која поднесе оставка и избега од земјата по неколкунеделните демонстрации против нејзиното владеење кои прераснаа во насилство.

Драган Мишев