Украинскиот претседател Володимир Зеленски категорично ја отфрли идејата на рускиот лидер Владимир Путин за билатерална средба во Москва, објави Укринформ, повикувајќи се на интервју за американскиот канал Еј-Би-Си Њуз.
„Тој може да дојде во Киев. Не можам да одам во Москва кога мојата земја е под ракетни напади, под напади секој ден. Не можам да одам во главниот град на овој терорист“, истакна Зеленски.
Претседателот нагласи дека предлогот на Путин бил повеќе обид за одложување на средбата отколку искрен повик за дијалог. Сепак, тој е подготвен да се сретне во која било форма, но само ако средбата не ја загрозува Украина.
„Ако некој не сака да се сретне за време на војна, може да понуди нешто што не би било прифатливо за мене или за другите“, додаде Зеленски, додавајќи дека Путин „си игра со САД“.
Претходно, Путин изјави дека е подготвен да се сретне со Зеленски и дека Москва е најдобро место за можна средба меѓу двајцата лидери, што веднаш беше одбиено од украинскиот претседател.
Текстот „Не одам кај терористот“, Зеленски ја отфрли понудата на Путин е превземен од МАКФАКС.