Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека оваа недела ќе издаде нови упатства за продолжување на војната во Појасот Газа, бидејќи расте притисокот врз неговата влада да го прекине конфликтот и да ги ослободи заложниците земени од Хамас на 7 октомври 2023 година.
Во исто време, Израел има намера да го стави прашањето за заложниците „во центарот на глобалната агенда“, изјави израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар пред состанокот на Советот за безбедност на ОН за ова прашање. Отворајќи ја седницата на кабинетот, Нетанјаху објави дека ќе свика состанок на кабинетот за безбедност „оваа недела“ за да „издаде упатства до војската за тоа како да ги постигне трите воени цели што беа претходно поставени“.
„Се наоѓаме во средината на жестока војна во која постигнавме многу важни, историски успеси, бидејќи не бевме поделени, затоа мора да останеме обединети“, рече тој, повторувајќи ги целите на војната за „победување на непријателот, ослободување на заложниците и обезбедување дека Газа повеќе не претставува закана за Израел“.
Израелското воено радио во понеделникот објави дека началникот на Генералштабот на армијата, Ејал Замир, е сè повеќе фрустриран од она што го опиша како недостаток на стратешка јасност од страна на политичкото раководство, како и загрижен за можноста да биде вовлечен во војна на исцрпување со милитантите на Хамас.
Израелската влада се соочува со зголемен притисок во последните месеци да најде решение за конфликтот. Речиси 600 поранешни функционери од безбедносниот апарат на Израел, првенствено Мосад и Шин Бет, во понеделникот го повикаа американскиот претседател Доналд Трамп да изврши притисок врз Нетанјаху да ја заврши војната и со тоа да им дозволи на „заложниците да се вратат дома“.
„Стоп на војната во Газа!“, се повикува во писмото. Нетанјаху „го води Израел кон пропаст, а заложниците кон смрт“, го обвини Семејниот форум, главната организација што ги претставува семејствата на оние што се држат во Газа.
„22 месеци, на јавноста ѝ се продава илузијата дека воениот притисок и интензивните борби ќе ги вратат заложниците“, но овие тврдења „не се ништо повеќе од лаги и јавна измама“, соопшти Семејниот форум. Од 251 лице киднапирано за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, 49 сè уште се наоѓаат во Газа.
Меѓу нив има 27 кои беа прогласени за мртви од страна на израелската војска. Во меѓувреме, имаше два прекини на огнот за време на кои преостанатите заложници беа ослободени.
Фото: ЕПА
Текстот Нетанјаху: Подготвувам упатства за продолжување на војната во Газа; Семејствата на заложниците: Ги води кон смрт е превземен од МАКФАКС.