Нетанјаху повикан во американскиот Конгрес додека продолжува офанзивата во Рафа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја прифати поканата да им се обрати на претставниците во двата дома на американскиот Конгрес, соопшти синоќа неговиот кабинет, додавајќи дека тој ќе биде првиот странски лидер што ќе се појави таму по четврти пат.

„Тогнат сум од привилегијата да можам да го претставувам Израел пред двата дома на Конгресот и пред претставниците на американскиот народ и пред целиот свет да ја презентирам вистината за нашата праведна војна против оние кои бараат наше уништување“, се наведува во соопштението од кабинетот на израелскиот премиер.

Во меѓувреме, израелската армија ја продолжи операцијата во Рафа, во јужниот дел на Газа, и покрај жестоките критики од меѓународната заедница.

Борбите продолжија и во централниот дел на Појасот Газа, каде во последните два дена беа убиени десетици Палестинци. Израел тврди дека тие биле терористи.

Поради големиот број цивилни жртви и катастрофалната хуманитарна ситуација во Појасот Газа, Израел се соочува со зголемени критики однадвор, особено за операцијата во густо населениот град Рафа.

Пред една недела, Меѓународниот суд на правдата му нареди на Израел веднаш да ги прекине воените операции во областа.