Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху негира дека жителите на Појасот Газа гладуваат и дека Израел води политика на гладување и покрај меѓународните процени дека територијата е на работ на целосен глад.

Зборувајќи на конференција, Нетанјаху рече дека израелската армија фотографирала илјадници палестински затвореници од Газа тврдејќи дека ниеден од нив не изгледал изгладнето.

„Илјадници и илјадници затвореници ги соблекуваат маиците и не гледате ниеден, ниеден да гладува, од почетокот на војната до денес“, рече Нетанјаху.

Тој исто така тврдеше дека Израел одлучил од почетокот на војната да им обезбеди на жителите на Газа основни потреби: храна, вода, лекови.

Сепак, премиерот не понуди докази во поддршка на своите тврдења, кои директно се спротивставуваат на предупредувањата од Обединетите нации и други меѓународни тела дека жителите на Газа страдаат од сериозен недостиг на храна и акутен глад.

Неговите изјави исто така потврдуваат дека израелската армија уапсила илјадници луѓе од Газа.

На 2 март Израел ги затвори сите премини во Газа за испорака на храна, лекови и хуманитарна помош, дополнително влошувајќи ја веќе тешката хуманитарна криза. Многумина, вклучувајќи деца, починаа од неисхранетост, а владата во Газа веќе прогласи состојба на глад.

Заобиколувајќи ги ОН и другите меѓународни агенции за помош, Хуманитарната фондација Газа (GHF), поддржана од САД, почна со работа во понеделникот. Нејзиното вклучување во системот за помош контролиран од Израел предизвика загриженост кај многу организации за помош, кои предупредуваат дека е потребна континуирана и широка испорака на помош за да има вистинско влијание.

Во вторникот најмалку тројца Палестинци беа убиени, а 46 повредени кога израелските сили отворија оган врз толпа луѓе што се упатуваа кон центарот за помош на GHF, соопшти канцеларијата за медиуми на владата во Газа.

Израелската армија, сè уште отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, спроведува брутална офанзива врз Газа од октомври 2023 година, при што загинаа повеќе од 54.000 Палестинци, претежно жени и деца, според написите во светските медиуми.

Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Бенјамин Нетанјаху и на поранешниот министер за одбрана, Јоав Галант, за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Во исто време Израел се соочува со обвинение за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за злосторства против цивилите во оваа енклава.

Текстот Нетанјаху: Никој не гладува во Газа е превземен од МАКФАКС.