Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја отфрли можноста за прекин на огнот во Газа, по извештаите за наводни преговори кои се во тек за привремено примирје со Хамас, пренесува FBB.
Имено, денеска светските медиуми повикувајќи се на извори блиски до завојуваните страни, објавија дека се водат преговори за ослободување на помеѓу 10 и 15 заложници држени од Хамас во замена за хуманитарна пауза во борбите.
Извор близок до Хамас за АФП рекол дека во тек се разговори за ослободување на десетина заложници, меѓу кои и шест Американци, во замена за тридневен прекин на огнот во Газа.
Изворот навел дека паузата во борбите би била направена „за да му се даде подолг временски период на Египет да достави хуманитарна помош“, како и да му се овозможи на Хамас да ги ослободи дузината заложници.
Според Би-би-си, кој се повика на свој извор, спор во преговорите имало околу времетраењето на паузата и ситуацијата на северот на Газа.