Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека Израел има намера да го окупира Појасот Газа со цел да воспостави идна цивилна администрација ослободена од влијанието на Хамас, објави Анадолу.
„Имаме намера (да ја преземеме контролата врз Газа) за да ја обезбедиме нашата безбедност, да го отстраниме Хамас таму, да му дозволиме на населението да биде слободно и да го предадеме на цивилна администрација која не е Хамас и не е некој што се залага за уништување на Израел“, рече Нетанјаху во интервју за ФОКС њуз кога беше прашан дали Израел ќе ја преземе контролата врз Газа.
Тој рече дека целта не е трајно да се владее со енклавата, туку да се отстрани Хамас и да се дозволи различна локална администрација, поддржана од регионалните арапски партнери.
„Не сакаме трајно да ја држиме територијата, туку да воспоставиме безбедносен периметар“, рече тој.
На прашањето дали Израел ќе ја врати целата територија од 42 километри, како што правеше пред повлекувањето во 2005 година, Нетанјаху одговори: „Не сакаме да ја држиме. Сакаме да имаме безбедносен периметар“.
„Не сакаме да бидеме таму како управно тело. Сакаме да го предадеме на арапските сили кои ќе го управуваат правилно, без да ни се закануваат и да им обезбедат на луѓето од Газа добар живот“, додаде тој.
Израел се соочува со растечко внатрешно незадоволство поради деструктивната војна во Газа, каде што повеќе од 61.000 луѓе се убиени од октомври 2023 година.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со обвинение за геноцид во Меѓународниот суд на правдата поради неговата војна во енклавата.
Фото: ЕПА
Текстот Нетанјаху: Имаме намера да ја преземеме контролата врз Газа е превземен од МАКФАКС.