Научниците открија дека одреден тип црви околу Чернобил ѝ пркосат на радијацијата, нудејќи увид во потенцијалните механизми за поправка на ДНК и разбирање на индивидуалната подложност на рак.
Микроскопските црви, познати како нематоди, ѝ пркосат на радијацијата така што не покажуваат никакво оштетување од радијација на нивните геноми, покажува ново истражување.
Спротивно на претпоставките за опасна средина, овие издржливи црви вешто се приспособуваат на услови кои би биле непријатни за повеќето други видови.
Научниците, предводени од Софија Тинтори од Универзитетот во Њујорк, посочуваат дека откривањето на механизмите за поправка на ДНК од нематодите може да помогне за идните апликации во човечката медицина.
По катастрофата во нуклеарната централа во Чернобил во 1986 година, соседниот град Припјат и целата околина биле затворени поради опасното ниво на јонизирачко зрачење. Иако регионот останува небезбеден за живот на луѓето во наредните илјадници години, тој ненамерно стана живеалиште на животни.
– Чернобил беше трагедија од неразбирливи размери – се сеќава Тинтори.
И покрај познатите генетски варијации кај животните во регионот, целосното влијание врз локалните екосистеми останува надвор од дофатот на научниците.
Изненадувачко откритие
За да ги истражат овие мистерии, научниците се фокусирале на нематодите, особено „Oschieus tipulae“, кои живеат во почвата околу Чернобил.
Собирајќи стотици нематоди од различни локации во таканаречената зона на исклучување, тие ги анализирале геномите на црвите за какви било знаци на генетско оштетување предизвикано од радијација.
Со споредување на секвенционираните геноми на нематоди од Чернобил со оние од други глобални локации, научниците откриле дека чернобилските црви се генетски послични едни на други отколку преостанатите црви од овој вид. Интересно, и покрај радиоактивната средина, научниците не пронашле докази за големи хромозомски преуредувања или оштетување на ДНК, кои најчесто се поврзуваат со мутагени средини.
Истражувањето заклучило дека околината околу Чернобил нема видливо генетско влијание врз геномите на споменатите црви. Оваа неочекувана отпорност на зрачење на овие црви поттикнува понатамошни истражувања за механизмите за поправка на ДНК и нуди потенцијални сознанија за човечката подложност на рак.
– Сега кога знаеме кои соеви на „Oschieus tipulae“ се почувствителни или потолерантни на оштетување на ДНК, можеме да ги искористиме тие соеви за да проучиме зошто различни поединци имаат поголема веројатност да страдаат од ефектите на канцерогените од другите – објаснува Тинтари.
Извор: Science Alert