Од 9 до 14 јуни 2025 година ќе се одржи XXV издание на „Неделата на италијанскиот филм – ITALIAN SCREENS“.
Организиран од италијанската амбасада во Скопје, во соработка со Италијанскиот културен институт во Белград и Кинотеката на Република Северна Македонија, фестивалот е под покровителство на проектот ITALIAN SCREENS, проект за поддршка на интернационализацијата на италијанскиот аудиовизуелен сектор, чија цел е промовирањето на најдоброто од италијанската филмска продукција во странство и вклучува и алатки за поддршка на италијанската кинематографија како што се даночни кредити и средства за дистрибуција и копродукции.
На овогодишното издание ќе бидат прикажани шест од најуспешните филмски остварувања на современата италијанска кинематографија. Филмовите, сите дистрибуирани помеѓу 2024 година и првите месеци на 2025 година, се учесници на престижни меѓународни фестивали и добитници на значајни награди и признанија од критиката и јавноста.
Темата што совршено ги обединува насловите во програма е патувањето: интерпретирано во буквална смисла со значење на пат кон родната земја или далеку од неа – но исто така и како визуелно, внатрешно, егзистенцијално, временско или емоционално патување.
Во понеделник, 9 јуни, фестивалот ќе го отвори „Партенопе“ (2024), најновото ремек-дело на наградуваниот Паоло Сорентино: филм кој претставува единствен склоп на поезија, носталгија и љубов кон Неапол, родниот град на режисерот. Во центарот на наративот се наоѓа Партенопе, независна и антиконформистична жена, со магнетна убавина и вечен порив по знаење. Нејзиното егзистенцијално и симболично патување, обележано со значајни средби, љубови, пријателства и разочарувања, кое е длабоко испреплетено со она на Неапол, прекрасен и декадентен град, колку убав толку и проклет, кој во филмот станува своевиден лик, жив и неуморен.
Фестивалот ќе се затвори во сабота, на 14 јуни, со филмот „Дијаманти“ (2024), новиот кинематографски успех на Ферзан Озпетек, кој ја освои наградата „Давид Ди Донатело од гледачите“ оваа година. Сместен во римска кројачка работилница во 1974 година, филмот ја раскажува приказната за човечките и работните односи на група жени вклучени во кроењето филмски костими. Преку овој микрокосмос, Озпетек истражува универзални теми како што се борбата против патријархатот, потрагата по идентитет, љубовта и пријателството. Резултатот е хармонично и полицентрично дело кое го слави женското соучесништво и отпорност.
Сите филмови ќе се прикажуваат на оригинален јазик со титлови на македонски и на англиски јазик. Проекциите ќе се одржат во историската Кинотека на Република Северна Македонија и ќе започнуваат во 20:00 часот.
Текстот Недела на италијанскиот филм од 9 јуни во Кинотека е превземен од МАКФАКС.