Телата на две лица кои беа пријавени како исчезнати за време на бурата на северот од Италија беа пронајдени денес, соопштија пожарникарите, со што бројот на жртви во таа област се искачи на три.

Телата на 64-годишен маж и неговиот 33-годишен син, чиј автомобил бил однесен од порој, биле пронајдени во близина на Виченца во североисточната покраина Венето. Претседателот на покраината Венето, Лука Заија, изрази сочувство до жената која ги загуби сопругот и синот и рече дека станува збор за „незамислива трагедија“.

Двајцата се пријавиле како волонтери и биле на пат да помогнат во спасувачките операции кога се случила несреќата.

Во четврток, деведесетгодишен маж беше пронајден во неговата поплавена куќа во Пиемонт, на северозападниот дел од земјата.

Северот на Италија, како и француските и швајцарските Алпи, беа погодени од обилни дождови во четврток, кои на поголемите надморски височини се претворија во снег, што доведе до бројни блокади на патиштата поради лизгање на земјиштето и поплави.

Десетици луѓе мораа да бидат евакуирани од поплавените подрачја, понекогаш со своите домашни животни. Во долината Аоста, околу 5.000 семејства останаа без електрична енергија во четвртокот вечерта, објави локалната компанија за дистрибуција на електрична енергија.