Остеопорозата е метаболичко заболување кое примарно предизвикува губење на коскената маса, што резултира со кршливи коски и зголемен ризик од повеќекратни фрактури.

Според клиниката Мајо, остеопорозата предизвикува нашите коски да станат слаби и кршливи, толку кршливи што пад или дури и благиот стрес, како што е наведнување или кашлање, може да предизвика фрактура.

Фрактурите поврзани со остеопороза најчесто се јавуваат во колкот или ‘рбетот. Коската е живо ткиво кое постојано се разградува и заменува, а остеопорозата се јавува кога формирањето на нова коска не следи по губењето на старата.

Оваа болест, која често се нарекува „невидлива“, подеднакво ги погодува и мажите и жените. Истражувањата покажуваат дека лековите, здравата исхрана и вежбањето можат да го спречат губењето на коскената маса или да ги зајакнат веќе слабите коски предизвикани од оваа состојба.

Лекарите објаснуваат дека во раните фази на оваа болест, односно почетната фаза на губење на коскената маса, заболените обично немаат никакви симптоми. Меѓутоа, откако нашите коски ќе ослабат со текот на времето поради остеопороза, се појавуваат неколку симптоми, од кои некои никогаш не би ги поврзале со оваа состојба. Овие се:

  • болка во грбот
  • ненадејно намалување на висината на телото
  • формирање на грпка на грбот предизвикана од колабиран ‘рбет
  • фрактура на коските по мала траума.

Иако овие симптоми не мора да значат дека имаме проблеми со остеопорозата, лекарите советуваат дека треба да одиме на преглед доколку почувствуваме еден или повеќе од споменатите проблеми. Исто така, секој кој земал кортикостероиди подолг временски период или жени кои поминале низ рана менопауза имаат зголемен ризик од оваа состојба.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.