Руското бомбардирање во главниот град Киев, предизвика пожари во високи згради, при што беа повредени четири лица. Руските бомби уништија критичен мост што го поврзуваше градот Чернихив со главниот град. Пожарникарите соопштија дека забележале најголем број итни повици од почетокот на војната, по ескалацијата на борбите меѓу руските и украинските војници.
„Во моментот кога пристигнавме во областа имавме пет пожари и можете да слушнете дека борбите продолжуваат”, рече Савитлана Вологда, портпаролка на противпожарната служба.
Руското Министерство за одбрана сподели снимка од нивните воени хеликоптери. Портпаролот Игор Конашенков изјави дека руските хеликоптери погодиле 97 воени цели.
„Оперативно-тактичката авијација на армијата, како и ракетните сили, погодија 97 објекти на воената инфраструктура на Украина“, нагласи Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
Локалните медиуми во Украина објавија клучен напредок на украинските сили северозападно од Киев, опкружен со илјадници руски војници. Киев Индипендент наведува, повикувајќи се на воени извори, дека украинската војска веќе ја презема контролата врз градовите како Буча и Ирпин, како и врз воздухопловната база Хостомел, под контрола на Русија.
Украинските лидери ја обвинија Русија дека заробила 15 спасувачи и возачи од хуманитарен конвој кој се обидувал да донесе храна и други неопходни материјали во пристанишниот град Мариупол.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 100.000 цивили останале во Мариупол, еден од најуништените градови од војната. Тој ги обвини руските сили дека го блокирале хуманитарниот конвој, и покрај тоа што однапред се согласиле за рутата.
„Се обидуваме да организираме стабилни хуманитарни коридори за жителите на Мариупол, но речиси сите наши напори, за жал, пропаднаа поради руските окупатори, со гранатирање или намерен терор“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во меѓувреме, Украинците продолжија да ја преминуваат границата со Полска.
„Луѓето се убиваат дење и ноќе, пукаат со се што имаат. Во Харков речиси и да нема никој“, рече Наталија Савченко, бегалка .
„Тоа е страшно, толку е страшно. Заминавме, но во населбата каде што живеевме останаа баба ми, мајка ми и сопругот. Денеска беше бомбардирана нашата област, населбата Шевченковски. Ние бегаме“, нагласи Олха Крамеренко, бегалка.
Според УНХЦР, само во Полска избегале 2,1 милион луѓе, додека вкупниот број на луѓе кои ја напуштиле Украина е 3,6 милиони.
Шкелзен Аќифи