Грците стоички го поднесуваат топлотниот бран кој, според метеоролозите, ја „пржи“ земјата и кој ќе трае до крајот на неделата. Улиците се пусти, животот како да замрел, на плажите, што ретко се гледа, речиси и да нема капачи, пишуваат медиумите во регионот.

Моментално, според написите, постои опасност од пожар на Халкидики, Тасос и Евија, а воведени се посебни мерки за заштита на локалното население и туристите.

Вчера, во раните утрински часови, термалните камери веќе регистрираа температура од над 70 степени на асфалтот и зградите во Атина. Акрополо како главна атракција во Атина е затворена за посета од 12:00 до 17:00 часот. Улиците се исто така пусти, има многу помалку сообраќај, туристите се ограничуваат на прошетки низ тесните улички и посета на Националниот парк. Грчките власти отворија во секоја општина јавен простор со климатизација каде што жителите и гостите можат да се заштитат од топлината, на некои места во центарот, особено на Синтагма, се делат шишиња со вода. Сите работи на отворено се забранети, работата на службите за брза достава е ограничена.

Топлотниот бран ја зафати целата земја, а опасноста од пожари е зголемена, особено во таканаречените портокалови зони кои моментално се прогласени во централна Грција, источен Пелопонез и јужните острови. Сепак, се стравува дека ветерот ќе се засили кон крајот на неделата, што би можело да предизвика нови пожари. Досега се регистрирани 40 пожари дневно, најдраматичен беше во Коринт, каде што во изминатите два дена изгореа 1.200 хектари борова шума и десетина куќи, населението беше евакуирано од шест општини, од кои Кастања беше најтешко погодена, според написите.

Фото: принтскрин

Текстот На улиците во Атина температурата е повисока од 70 степени е превземен од МАКФАКС.