Музичката ѕвезда Роби Вилијамс откри дека тајно се бори со Туретов синдром. Педесет и едногодишниот пејач вели дека неговите тикови се „наметливи“ и главно внатрешни, но мислите му се толку интензивни што не може да ги замолчи дури ни за време на настап пред десетици илјади обожаватели, пишува „Дејли мејл“.
Вилијамс претходно имал дијагнози за АДХД и посттрауматско стресно нарушување, а се соочувал и со зависности од алкохол и дрога. Неодамна направил и тестирање за аутизам – резултатот бил негативен, но му било укажано дека има „аутистични особини“, вклучувајќи анксиозност кога ја напушта сигурноста на својот кревет.
Во искрен разговор за подкастот ‘I am ADHD! No, you’re not’, пејачот призна дека турнеите и понатаму го плашат, и покрај децениското искуство на распродадени стадиони.
„Што и да е во мене, тоа не разбира“
Говорејќи за најновата дијагноза, Вилијамс изјави: „Штотуку сфатив дека имам Туретов синдром, но не се манифестира надворешно. Би помислиле дека стадион полн со луѓе кои ви даваат љубов би делувал како одвлекување на вниманието, но тоа не е така. Што и да е во мене, тоа не може да разбере.“
Како и шкотскиот пејач Луис Капалди, кој во 2023 година направи пауза поради Туретов синдром, и кај Вилијамс менталното здравје силно влијае врз настапите.
„Имам многу комплициран однос со турнеите и настапите во живо. Луѓето велат: Одеш на турнеја? Сигурно си возбуден. Но не баш, ужаснат сум,“ призна тој.
Добитникот на 18 БРИТ награди рече дека АДХД му бил дијагностициран дури три пати, бидејќи секојпат „заборавал“ на дијагнозата. Првиот пат бил околу 2006 година. „Се почувствував олеснето што конечно имам официјална дијагноза,“ изјави тој.
„Но потоа почувствував уште поголемо олеснување кога добивав по 200 апчиња и мислев дека тие ќе ме поправат, затоа што секогаш барате лек. Барате лек за болеста во вашата глава. Така многу брзо преминав од голтање апчиња до нивно дробење и вшмркување,“ рече Вилијамс.
Денес, вели, е посвесен за своето ментално здравје и постојано ги бара корените на својата нелагодност.
„Кога сум во кревет, тоа е мојата зона на комфор. Се друго надвор од креветот е моја зона на нелагодност. Во дваесеттите беше ужасно, во триесеттите лошо, во четириесеттите почна да се подобрува, сега сум на нагорна линија, но сè уште се чувствувам лошо во сопствената кожа,“ заклучи пејачот.
Туретов синдром е наследно, невролошко нарушување кое се карактеризира со неволни звуци и движења – тикови. Обично започнува во детството, а симптомите можат да вклучуваат често трепкање, гримаси, слегнување со раменици или движење на главата. Состојби како АДХД, опсесивно-компулсивно нарушување и анксиозност често се поврзани со Туретов синдром.
Текстот На Роби Вилијамс му е дијагностициран Туретов синдром е превземен од МАКФАКС.