Без здрав црн дроб, нема ни добро здравје на целиот организам, велат лекарите. Овој орган е задолжен за прочистување на токсините од крвта. Исто така, тоа е и орган што може да ги регенерира клетките до одреден степен. Па затоа, доколку здравјето на црниот дроб е нарушено, тоа автоматски се одразува и на целото тело.
Болестите на црниот дроб не покажуваат јасни симптоми, па пациентите честопати не ги забележуваат или му ги припишуваат на некој друг, помалку опасен здравствен проблем.
Ова се промените на кои треба да обрнете внимание, бидејќи тие може да бидат најраните знаци дека црниот дроб не работи како што треба…
Замор – докторите не се сигурни како точно оштетувањето на црниот дроб предизвикува замор, но тоа е еден од почестите симптоми.
Мачнина – се појавува затоа што токсините се насобираат во крвотокот, поради намалената способност на црниот дроб да ги филтрира токсините.
Бледа столица – темната боја на столицата ја даваат жолчните соли што црниот дроб вообичаено ги ослободува. Ако столицата е бледа, тоа може да укажува на проблем со црниот дроб или со некој друг дел од билијарниот тракт (билијарен тракт е дренажниот систем за црниот дроб и жолчната кеса). Црната столица што личи на катран може да се појави кај прогресивно заболување на црниот дроб и е предизвикана од минувањето крв низ гастроинтестиналниот тракт. Во овој случај неопходна е итна медицинска помош.
Жолта кожа или очи – жолтицата е последица на насобирањето билирубин (жолчен пигмент) во крвта, бидејќи не може ефикасно да се обработи. Од истата причина може да се појави и осип на кожата.
Пајак ангиом – пајаковидно деформирани крвни садови. Пајак ангиомите изгледаат како црвени точки со крвни садови што се прошируваат од центарот како пајакови нозе. Може да бидат чести кај здрави жени, додека кај мажите и ако се појават во поголем број на горната половина од женското тело, може да укажуваат на заболување на црниот дроб.
Лесно настанување модринки – ова може да се случи поради намалената способност на црниот дроб да произведува фактори на згрутчување.
Црвени дланки – околу четвртина од луѓето со цироза на црниот дроб развиваат палмарен еритем, односно црвенило на кожата на дланките.
Урина со темна боја – урината со темнопортокалова, жолта, кафеава или боја на кока-кола, може да биде знак на болест на црниот дроб. Промената во нијансата настанува поради преголемо насобирање билирубин, бидејќи црниот дроб не го разложува нормално.
Отечен стомак – асцитес се појавува затоа што се задржува течност во стомакот. Нозете и зглобовите исто така може да отечат поради задржување течности.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.