Ентони Фаучи, водечкиот американски епидемиолог и еден од клучните јавни функционери во кампањата за сузбивање на пандемијата на коронавирусот, е позитивен на тестот за ковид-19, соопшти вчера Националниот институт за здравје (НИХ).
Advertisements
Фаучи, главниот здравствен советник на претседателот Џо Бајден, има благи симптоми, се вели во соопштението во кое се додава дека тој не бил во близок контакт со Бајден во последните денови, пренесува Ројтерс.
НИХ наведува дека 81-годишниот Фаучи е целосно вакциниран и дека примил две засилувачки дози и ќе работи од дома.
Долгогодишниот директор на Националниот институт за алергии и заразни болести стана доверлива личност за време на пандемијата, кога беше член на работната група за борба против коронавирусот во времето на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Сепак, тој беше остро критикуван од Трамп и некои републиканци откако предупреди да не се отвора американската економија премногу брзо, а беше осуден и од противниците на вакцините и задолжителното носење маски.