Најмалку 32 Палестинци загинаа денеска во нападите на израелските сили врз Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, како и врз други области низ енклавата, јавија светските агенции, повикувајќи се на жители на Рафа и израелската армија (ИДФ).
Жителите велат дека Израелците изгледа се обидуваат да го завршат заземањето на Рафа, кој е во фокусот на израелската офанзива од почетокот на мај.
Тенковите се пробиваат во западните и северните делови на градот, а израелските војници веќе ги окупираа истокот, југот и центарот.
Израелските сили нападнаа од авиони, тенкови и бродови од брегот, предизвикувајќи нов бран на раселување од градот, кој засолни повеќе од милион раселени лица, од кои повеќето беа принудени повторно да избегаат.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска изјави дека е многу загрижен поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и либанскиот Хезболах и дека мировните сили на ОН работат на смирување на ситуацијата и спречување на погрешни потези.
„Еден непромислен потег, една погрешна проценка, може да предизвика катастрофа што ги надминува границите, искрено, ја надминува имагинацијата“, им рече Гутереш на новинарите.
Тој посочи дека луѓето од регионот и луѓето во светот не можат да си дозволат Либан да стане уште една Газа.