Бројот на жртви од тајфунот Буалој во Виетнам се искачи на 11, а околу 20 лица се водат како исчезнати, соопшти центарот за управување со катастрофи во земјата.

Најмалку девет лица загинаа во торнадо предизвикано од тајфунот што ја погоди северната провинција Нин Бин, додека две лица загинаа во северните провинции Тан Хоа и Хуе, соопштија властите.

Буалој денеска рано пристигна на копно, носејќи бранови високи до осум метри, соопшти националната метеоролошка агенција.

Седумнаесет рибари се водат како исчезнати откако огромни бранови удрија во два рибарски брода во близина на покраината Куанг Три, додека целиот контакт со друг рибарски брод беше изгубен.

Тајфунот се движеше низ покраината Нге Ан кон Лаос, при што максималната брзина на ветровите ослабуваше од 117 км/ч на 74 км/ч кога пристигна на копното.

Буалој досега оштети 245 домови, поплави речиси 1.400 хектари ориз и други култури и го прекина пристапот до неколку области.

Во извештајот не се споменуваат големи штети на индустриските капацитети, иако некои големи фабрики се наоѓаат на или во близина на патеката на Буалој.

Стотици летови беа откажани или одложени бидејќи четири аеродроми во централните провинции беа затворени.

Циклонот донесе обилни дождови во поголемиот дел од Виетнам од саботата, а властите предупредија на ризикот од големи поплави и лизгање на земјиштето.

Со долга крајбрежна линија свртена кон Јужното Кинеско Море, Виетнам е подложен на тајфуни кои често се формираат источно од Филипините, каде што минатата недела загинаа најмалку 10 лица.

фото: принтскрин

Текстот Најмалку 11 жртви во тајфунот Буалој што го погоди Виетнам е превземен од МАКФАКС.