Најмалку три лица загинаа во Шпанија во инцидент поврзан со невиден прекин на струја што ја парализираше земјата во понеделникот, потврди Цивилната гарда за Би-Би-Си.

Според шпанските медиуми, станува збор за членови на семејство од северозападната општина Табоаделе. Полицијата истражува дали труењето со јаглерод моноксид од неисправен генератор на струја имало улога во нивната смрт, но Цивилната гарда не може да открие други детали.

Властите се уште се обидуваат да утврдат што го предизвикало затемнувањето што во понеделникот предизвика хаос низ Шпанија и Португалија. Според информациите на мадридскиот дневен весник Ел Паис, тројцата починати од Табоадела се брачна двојка и нивниот возрасен син. Нивните тела ги пронашла негувателката вчера наутро, пишува Ел Паис.

Други смртни случаи се под истрага, вклучително и онаа на жена во Мадрид која загина во пожар за кој постои сомневање дека е предизвикан од свеќа користена за време на прекинот на струја, објавија локалните медиуми. Жена на возраст од околу педесет години е пронајдена мртва во понеделникот вечерта, откако избувнал пожар во зграда во областа Карабанчел во градот.

Тринаесет лица побарале лекарска помош поради вдишување чад, а пет од нив завршиле во болница, соопшти градската канцеларија за итни интервенции.

Во меѓувреме, според медиумите, во Валенсија починала жена на возраст од четириесет години, но шпанските медиуми не се согласуваат за причината за нејзината смрт. Локалната полиција соопшти дека жената, која имала проблеми со белите дробови, починала откако нејзиниот вентилатор престанал да работи за време на прекинот на електричната енергија, според извештаите на медиумите.

Сепак, Ел Паис пренесува изјави од регионалната здравствена служба во која се наведува дека жената имала повеќе здравствени проблеми и починала од природна смрт. Затемнувањето предизвика огромни прекини низ Шпанија и Португалија, а делови од Франција исто така беа делумно погодени.

Во Шпанија и Португалија, семафорите престанаа да работат, метро-системите запреа, а продавниците не можеа да примат картички, што предизвика долги редици на неколкуте банкомати кои сè уште работеа. На почетокот паднаа и мобилните мрежи, па на многумина им беше тешко да добијат информации.

Текстот Најмалку тројца мртви во Шпанија поради невидениот прекин на струја е превземен од МАКФАКС.