Најмалку пет американски војници ранети во ракетен напад врз база во Ирак, расте опасноста од поширока блискоисточна војна

Најмалку пет американски војници се повредени во напад врз воена база во Ирак во понеделникот, изјавија американски официјални лица за Ројтерс.

Блискиот Исток се подготвува за можен нов бран напади од Иран и неговите сојузници по минатонеделното убиство на лидери на Хамас и Хезболах.

Две ракети од типот Катјуша беа истрелани врз воздухопловната база Ал Асад во западен Ирак, соопштија ирачки безбедносни извори. Еден извор од редовите на ирачките безбедносни сили рече дека ракетите паднале во базата. Не е јасно дали нападот е поврзан со заканите од Иран дека ќе се одмазди за убиството на лидерот на Хамас.

Американски официјални лица, кои зборуваа за Ројтерс под услов да останат анонимни, изјавија дека еден од ранетите Американци е тешко повреден. Бројот на жртвите се заснова на првичните извештаи кои сепак може да се променат, велат тие.

Исмаил Ханије, политичкиот водач на палестинската исламистичка група Хамас, беше убиен во иранската престолнина Техеран минатата недела, напад што предизвика закани за одмазда од Иран кон Израел. Иран го обвини Израел за убиството, иако Израел не ја презеде одговорноста за нападот.

Заедно со убиството на високиот воен командант на либанската група Хезболах, Фуад Шукр, од страна на Израел во нападот врз Бејрут минатата недела, убиствата ја поттикнаа загриженоста дека конфликтот во Газа се претвора во поширока блискоисточна војна.

Иран соопшти дека САД сносат одговорност за атентатот на Ханија поради нивната поддршка за Израел.