Мистериозните експлозивни кратери во далечните краишта на Сибир, откриени во 2012 година, ги збунија научниците поради нивниот ненадеjнa појава и локализирана природа. Овие кратери, длабоки над 50 метри и широки 20 метри, се концентрирани на западносибирските полуострови Јамал и Гидан, на северот на Русија.
Неодамнешната теорија предложена од Хелге Хелеванг, професор по еколошки геонауки на Универзитетот во Осло, сугерира дека врелиот природен гас од подземните резерви може да биде причина за овие кратери, пишува Science Alert. Сибирскиот регион е познат по огромните наоѓалишта на природен гас, а Хелеванг верува дека кратерите се појавуваат кога поради затоплувањето на атмосферата се ослабува дел од пермафростот (вечен мраз).
Претходно, научниците ги припишуваа кратерите на метанот ослободен за време на топењето на мразот. Сепак, локализираниот феномен остана необјаснет. Тимот на Хелеванг предлага нов механизам: врелиот природен гас, кој продира низ геолошките дефекти, се акумулира под замрзнатата земја, ослабувајќи го вечниот мраз во долните слоеви.
Експлозија може да се случи само ако вечниот мраз е тенок и доволно слаб за да пукне, објаснува Хелеванг. Зголемените температури го топат горниот слој на вечниот мраз, создавајќи услови за нагло ослободување на гас, што доведува до експлозија или механички колапс на почвата.
Областа на западен Сибир е богата со резерви на природен гас, што ја потврдува теоријата на Хелеванг. Научниците шпекулираат дека повеќе кратери можеби се формирале и исчезнале со текот на времето, бидејќи блиската вода и почва ги исполниле дупките во земјата.
Иако е интригантна, теоријата на Хелеванг допрва треба да биде подложена на рецензија, но моментално е достапна на научното складиште EarthArXiv. Лорен Шурмајер, научник за Земјата од Универзитетот на Хаваи, во интервју за New Scientist ја нагласува потребата од дополнителни докази, кои би го потврдиле постоењето на резерви на гас под вечниот мраз.
Доколку се докаже дека е точно, ова откритие би можело да има импликации за климатските модели. Експлозивните кратери би можеле да дејствуваат како проводници за брзо ослободување на метан, моќен стакленички гас, во атмосферата.
Сепак, Хелеванг повикува на претпазливост, нагласувајќи ја потребата за сеопфатно разбирање на балансот на метанот во овие системи пред да се извлечат заклучоци за глобалното влијание.
Извор: Science Alert