Тензиите меѓу Индија и Пакистан нагло ескалираа по терористичкиот напад минатиот месец во Пахалгам, во индискиот дел на Кашмир, во кој беа убиени 26 лица. Со растот на стравувањата од војна, неколку пакистански политички и воени претставници се заканија дека ќе употребат нуклеарно оружје.
Во таква нестабилна ситуација, повторно се пушта во оптек научен труд од 2019 година објавен од „Раутлеџ“. Студијата предвиде нуклеарен конфликт меѓу Индија и Пакистан оваа година, предизвикан од терористички напад со голем број жртви.
Авторите на студијата предвидоа сценарио во кое голем терористички напад, првично замислен како напад врз индискиот парламент, ја поттикнува Индија да распореди трупи по должината на линијата на контрола (LoC), а Пакистан одговара со иста мера. Со зголемувањето на тензиите, има гранични судири и смртни случаи од двете страни, што доведува до брза ескалација.
„Исто како и во јануари 2002 година, обете страни мобилизираат и распоредуваат војници. Избувнуваат судири и има смртни случаи од обете страни“, се вели во текстот.
Прва употреба на нуклеарно оружје
Според оваа симулација, кога индиските сили почнуваат да напредуваат кон пакистанска територија, пакистанските генерали, плашејќи се од воен пораз, одлучуваат да употребат нуклеарно оружје.
Ден 1: Пакистан користи 10 тактички нуклеарни бомби (по 5 килотони секоја) на своја територија против индиски тенкови.
Ден 2: Пакистан испалува уште 15 тактички бомби. Индија одговора со 20 стратешки нуклеарни експлозии во воздух над воените инсталации и складиштата за нуклеарно оружје на Пакистан.
Овие напади предизвикуваат огромни пожари и облаци од чад, слични на оние по бомбардирањето на Хирошима или пожарот во Сан Франциско во 1906 година.
Ескалација што никој не може да ја спречи
Наместо да го заврши конфликтот, ескалацијата на Индија води до уште посмртоносен трет ден: Пакистан одговара со 30 воздушни напади врз индиските воени гарнизони, поморски бази и аеродроми, заедно со уште 15 тактички напади. Потоа Индија напаѓа 10 пакистански воени цели во градовите.
Студијата опишува катастрофална верижна реакција: гнев, паника, недоразбирања и строги воени протоколи од двете страни што водат до целосна нуклеарна војна.
Во текот на следните три дена, Пакистан го користи целиот свој стратешки нуклеарен арсенал од 120 боеви глави, насочувајќи се кон индиските градови. Индија возвраќа со 70 нуклеарни напади воздух-воздух и чува уште 100 боеви глави во резерва за да ја одврати Кина од напад, но иронијата е што претходно не успева да го одврати Пакистан.
Последици за целиот свет: Десетици милиони мртви, милијарди погодени
Доколку обете земји имаат по околу 250 нуклеарни боеви глави, авторите предупредуваат на ужасни последици: од 50 до 125 милиони мртви во првиот бран, во зависност од моќноста на оружјето, големите индиски и пакистански градови би биле уништени или би станале непогодни за живеење, а би дошло и до целосен колапс на инфраструктурата: здравствената заштита, транспортот, снабдувањето со енергија и финансиите би биле уништени.
Чадот и екстремните пожари би предизвикале климатски промени што би влијаеле на целиот свет и би довело до глад што би можел да погоди милијарди луѓе. „Последиците би биле огромни и глобални по размер“, заклучува студијата.
Текстот Научна студија во 2019 предвидува нуклеарна војна меѓу Индија и Пакистан оваа година е превземен од МАКФАКС.