Американската цивилна вселенска агенција (НАСА) соопшти дека следи астероид со големина на куќа што минува покрај Земјата со брзина од 68.075 километри на час.
Според податоците на НАСА, траекторијата на астероидот познат како „2025 HM4“ го довела на космички мало растојание од 757.000 километри од Земјата, објави „Њузвик“.
Центарот за истражување на објекти во близина на Земјата на НАСА проценува дека дијаметарот на астероидот е помеѓу 16 и 33 метри.
„2025 HM4“ не е единствената вселенска карпа што се приближува кон Земјата оваа недела.
НАСА, исто така, следи два астероиди со големина на авион – „2024 BF“ и „2025 GT1“, со дијаметар од околу 33 до 43 метри – кои денес ќе прелетаат покрај Земјата на растојание од околу 3,5 до 4,2 милиони километри.
Друга вселенска карпа со големина на куќа, „2025 HJ5“, која има дијаметар од околу 14,6 метри, исто така ќе помине покрај Земјата на растојание од околу четири милиони километри.
Астероидите се мали, карпести маси кои останале по формирањето на Сончевиот систем, пред околу 4,6 милијарди години. Тие се наоѓаат во главниот астероиден појас, орбитирајќи околу Сонцето помеѓу орбитите на Марс и Јупитер.