Се очекува вршителот на должноста шеф на американската вселенска агенција НАСА оваа недела да открие директива за изградба на нуклеарен реактор на Месечината до 2030 година, според извештаите на медиумите, во обид да се зајакне доминацијата на Америка во вселената поради растечката конкуренција од Кина и Русија.
Според интерните документи објавени од „Политико“, НАСА ќе бара предлози од приватни компании за развој на реактор од 100 киловати кој би можел да напојува долгорочни мисии на површината на Месечината. Реакторот е наменет да ги поддржи идните мисии со екипаж.
„Станува збор за победа во уште една вселенска трка“, изјави за „Политико“ висок функционер на НАСА.
Трка со Кина
На агенцијата ѝ е наредено да назначи менаџер на програмата и да започне консултации со индустријата во рок од 60 дена, се вели во извештајот. Целта е реакторот да се лансира до 2030 година, приближно во исто време кога Кина планира да го испрати својот прв астронаут на Месечината, според медиумот.
НАСА претходно финансираше истражување за помал систем со капацитет од 40 киловати електрична енергија, но новиот план поставува поамбициозен временски рок. Документите, исто така, предупредуваат дека првата нација што ќе го инсталира реакторот би можела да прогласи ексклузивни зони на Месечината, потенцијално ограничувајќи го пристапот за други актери.
Со предложеното намалување на буџетот на НАСА од 24,8 милијарди долари на 18,8 милијарди долари од страна на администрацијата на Трамп, прашањето е како ќе се финансира проектот и колку средства ќе останат за традиционално истражување на вселената, стои во написите.
Фото: принтскрин
Текстот НАСА планира да изгради нуклеарен реактор на Месечината е превземен од МАКФАКС.